Вработен во приватна фирма се здобил со тешки телесни повреди додека извршувал работни задачи со виљушкар на паркинг на подрачјето на скопската општина Центар, информира Министерството за внатрешни работи.
Несреќата се случила во саботата, околу 13:45 часот, кога според пријавата поднесена во СВР Скопје, 48-годишниот Г.В. од Скопје бил повреден за време на неговиот работен ангажман.
МВР информира дека повредениот веднаш бил префрлен во приватна болница во Скопје, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.
Од полицијата велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, а ќе се утврдува и дали биле почитувани прописите за безбедност и заштита при работа.