Јанта волеј Кисела вода и Работнички Скопје ги продолжија надежите за втор пехар во одбојкарскиот куп на Македонија откако победија во полуфиналните натпревари на завршниот турнир во Кавардарци.
Бранителките на ланската двојна круна го совладаа Наковски волеј со 3:1 (25:21, 16:25, 25:18 и 25:23) во првиот натпревар од денешната полуфинална програма во салата „Јасмин“, со клучна улога на украинското трио: Машковска со 15, Собол со 11 и Осипчуик со 7 поени. Работнички Скопје триумфираше над Струмица жени, исто така со 3:1 (12:25, 25:16, 25:19 и 25:17) во другиот полуфинален меч во којшто имаше многу пресврти, а на крајот најдобриоти тим во лигата досега го издржа притисокот, имаше поголем квалитет и психолошка стабилност, па остана на курсот да го повтори успехот од 2019-та кога го освои купот, а потоа ги обедини титулите. Лазарова и Ѓурѓевиќ освоија по 10 поени, Баталаковска 9, Стојанова 7, а Павловска и Јонузи по 6. Струмичките екипи ќе имаат можност да се одмаздат за денешните порази во полуфиналните серии од шампионатот, а утре е ден за двете финални пресметки во 29-от одбојкарски куп на Македонија.
Од 16 часот е финалето кај дамите меѓу Јанта волеј Кисела вода и Работнички Скопје, а од 19 ќе сервираат Вардар и Струмица 47&72.