Цените на нафтата на светскиот пазар „скокнаа“ поради стравувањата дека украинско-руската криза може да го наруши синџирот на снабдување со нафта ширум светот откако вчера Русија ги призна двата проруски региони во источна Украина, Донецк и Луганск.
Цените на нафтата денеска, на почетокот на трговијата на лондонскиот пазар по признавањето од страна на Русија на двата проруски региони во источна Украина, надминаа 99 долари.
На почетокот на тргувањето во Лондон, цената на барелот скокна за 3,71 долар во однос на претходното затворање, на 99,1 долар. На американскиот пазар со барел во е-трговија се купуваше по 4,41 долар повисока цена, 95,72 долари.
Русија вчера ги призна регионите Донецк и Луганск и ги испрати своите „мировни“ сили во двата проруски сепаратистички украински региони кои прогласија независност во 2014 година. Западот, пак, ѝ се закани на Москва со санкции во случај на напад врз Украина, а светските пазари стравуваат дека санкциите може да ја опфатат и руската нафта.
„Украинско-рускиот конфликт би можел да има ‘значајни импликации’ за цената на нафтата“, изјави за Би-би-си, Сју Трин, директор за макростратегија во „Manulife Investment Management“.
Трин предупреди дека санкциите што ќе ја принудат Русија да испорачува помалку нафта или природен гас ќе имаат силно влијание врз светската економија.
Русија е најголемиот извозник на нафта во светот, по Саудиска Арабија, и најголем производител на природен гас.