По историскиот успех на „Медена земја“ – со три награди на Sundance и две номинации за Оскар – и интернационалниот успех на документарецот „The Walk“, македонската режисерка Тамара Котевска се враќа на голема врата. Нејзиниот нов филм „Сиљан“ [The Tale of Silyan] ја доби честа да ја има својата светска премиера на престижниот филмски фестивал во Венеција 2025, во официјалната селекција Out of Competition.

„Сиљан“ е визуелно маестрална, поетска и емотивна приказна за животот на еден фармер од Македонија и неговата неочекувана врска со бел штрк со скршено крило. Филмот е длабоко вкоренет во македонскиот фолклор, инспириран од народната легенда за момчето Сиљан, кое по расправија со татко му, се претвора во штрк.

Со зачудувачка фотографија на кинематографот Jean Dakar, „Сиљан“ нè носи низ заборавените пејзажи и нежноста на секојдневието, преточени во кадри што би можеле да бидат изложени во музеј. Фармерите Никола и Јана, со нивната игрива љубов и тивка болка, стануваат живи сведоштва за тоа како економските сили ги разнебитуваат традиционалните животи.

Филмот е снимен во период од три години, и започна како лична идеја која Котевска ја развиваше и ја водеше до целосна реализација. Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија Concordia и британската The Cornershop. Останати продуценти се Jean Dakar и Јорданчо Петковски со кој моментално Котевска го снима нејзиниот прв долгометражен филм „Човек против јато“.

Том Пауерс, селекторот на документарни филмови на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто и уметнички директор на најголемиот американски фестивал за документарци – DOC NYC за Котевска вели: „Котевска работи во свој сопствен поетски регистар, користејќи го филмот не за да поучува, туку за да отвори очи и срца кон животи кои инаку би останале невидливи.“

Текстот „Сиљан“ на Тамара Котевска со премиера во Венеција е превземен од МАКФАКС.