Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свеченоста по повод одбележувањето на 80-годишниот јубилеј на Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Во своето обраќање, таа ја истакна длабоката духовна и културна вредност на библиотеката, опишувајќи ја како „тврдина на идентитетот“ и „свемир на знаење“. Осврнувајќи се на улогата на библиотекарите, ги нарече „храбри чувари на пишаниот збор“ кои се бореле против заборавот, цензурата и варварството низ историјата.
Таа нагласи дека и покрај напредокот на технологијата и дигиталниот свет, книгата останува темел на мислата и културното издигнување.
Претседателката, како библиофилка, сподели лична и емотивна приказна поврзана со признанието што ѝ беше врачено вчеравечер – момент што ѝ ги разбуди спомените на првата награда добиена уште во детството, токму за „најверна читателка“, признание коешто ја прејудицирало нејзината трајна сродност со книгите.
Во своето излагање таа оддаде почит и на делото на Горан Стефановски, потенцирајќи ја неговата способност да го опише духот на времето и да ги отвори вратите кон суштинските прашања на современото општество.
„Вљубена сум во книгите, во прашање е доживотна фатална врска меѓу мене и книгите“ рече претседателката, испраќајќи силна порака за љубовта кон читањето.
На крајот, таа го честиташе јубилејот, изразувајќи уверување дека библиотеката ќе продолжи да биде светилник на знаењето, дом на книгата и место каде што се гради иднината преку мудроста од минатото.
Текстот Сиљановска-Давкова: Осумте децении работа на НУУБ ,,Св. Климент Охридски – Битола се долго духовно патување е превземен од МАКФАКС.