Претставници на австралиското Министерство за внатрешни работи разговара со адвокатите на тенисерот Новак Ѓоковиќ, јави „Ејџ“.
Медиумот јавува дека црно комбе Мерцедес со затемнети стакла влегло во паркингот на деловната зграда каде што се сместени адвокатите на Ѓоковиќ нешто по 18.30 часот по локално време.
Комбето излегло помалку од 5 минути подоцна со патник на задното седиште.
Не е јасно дали сопатникот бил Ѓоковиќ.
Еден од новинарите на „Ејџ“ на Твитер напиша дека од Ѓоковиќ било побарано „утре да се претстави на интервју со службеници за имиграција“. Според истиот извор, тенисерот нема да биде во притвор до разговорот или додека се очекуваат какви било правни дејствија.
Сепак, засега останува нејасно и нема официјални информации дали службениците за имиграција планираат да го префрлат Ѓоковиќ во имиграциски притвор.
Сè уште нема информации ниту од Федералниот окружен суд, судот што ќе ги разгледува аргументите за и против визата на Ѓоковиќ, доколку случајот продолжи.
Се очекува случајот да се врати пред судијата Ентони Кели, кој го надгледуваше случајот кога одлуката на Владата за укинување на визата на тенисерот беше поништена првпат во понеделникот.
Во меѓувреме, демонстранти повторно се собираат пред хотелот Парк во Мелбурн, каде што очекуваат да биде задржан Ѓоковиќ откако му беше поништена визата. Десетина демонстранти, придружувани од две кучиња, држат транспаренти со кои повикуваат да бидат ослободени околу 30 баратели на азил кои се затворени во хотелот Карлтон, јави „Ејџ“. (МИА)