Напната ситуација во Казахстан. Министерството за внатрешни работи на Казахстан соопшти дека десетици луѓе се ликвидирани, а повеќе од 3.000 се уапсени. Министерството, исто така, соопшти дека од почетокот на протестите биле убиени 18 припадници на полицијата и националната гарда.
Билансот на повредени надмина 1.000. Речиси половина од нив се хоспитализирани, а најмалку 40 лица се на интензивна нега како последица на посериозни повреди.
Претседателот на државата, Касим-Џомарт Токаев, издаде наредба да се отвори оган врз демонстрантите без никакво претходно предупредување. Тој ги опиша како глупости повиците од целиот свет за мирно решение на кризата, а демонстрантите ги нарече „терористи“ управувани од надвор.
Касим-Џомарт Токаев, претседател на Казахстан “Давам наредба да се отвори оган врз секој кој ја загрозува демократијата и животите на полицајците. Полициските и воените операции низ државата ќе продолжат додека не се неутрализираат сите вооружени терористи. Тие продолжуваат да отвораат оган и да го оштетуваат јавниот имот и имотот на граѓаните. Државните сили го вратија уставниот поредок во повеќето делови на земјата и ситуацијата наскоро ќе се нормализира“.
Кога локалните безбедносни сили ја изгубија контролата над ситуацијата, казахстанскиот претседател Токаев повика на руска воена интервенција според условите на таканаречениот Договор за колективна безбедност, кој постои меѓу неколку поранешни советски земји. Демонстрациите во Казахстан започнаа кон крајот на минатата недела во западниот дел на земјата во знак на протест поради двојно зголемување на цените на течниот гас. Но, бидејќи тие се проширија низ целата земја толку брзо и толку многу пораснаа, некои политички аналитичари тврдат дека тие одразуваат пошироко незадоволство во земјата која живее под авторитаризам откако Советскиот Сојуз прогласи независност во 1991.
Adrian Kerimi