Новинарот Џон Летман кој живее на Кауаи, најстариот хавајски остров, објави дека сирените за предупредување за цунами се огласиле втор пат во 16:10 часот по локално време и можеле да се слушнат на повеќе острови, вклучувајќи ги Оаху и Кауаи.

Кајл Каџихиро, доцент на Универзитетот Хаваи-Маноа, бил на кампусот кога го добил предупредувањето за цунами на својот мобилен телефон. Каџихиро рече дека кампусот се затвора и сообраќајот на автопатите во Хонолулу е значително густ.

На Кауаи, кратко откако беше издадено предупредувањето за цунами, персоналот во Националната тропска ботаничка градина ги прекина турите на нејзиниот јужен брег и ги премести сите посетители и персонал од зоната на поплавување на повисоки места.

Денешниот силен земјотрес се рангира меѓу десетте најсилни во историјата, потврди во интервју за Би-Би-Си доцентката Хелен Јанишевски од Одделот за геофизика и тектоника на Универзитетот на Хаваи. Според Геолошкиот завод на САД (USGS), земјотресот со магнитуда од 8,8 степени го дели шестото место на листата на најсилни земјотреси некогаш регистрирани, изедначувајќи се со земјотресот во Биоби во Чиле во 2010 година и оној во Есмералдас, Еквадор во 1906 година.

Силниот земјотрес го погоди полуостровот Камчатка на далечниот исток на Русија, предизвикувајќи цунами високо до четири метри, оштетувајќи згради и активирајќи тревоги и евакуации низ Тихиот Океан.

Неколку лица се повредени во тој оддалечен руски регион, а на населението на поголемиот дел од источниот брег на Јапонија, кое силно страдаше во катастрофалниот земјотрес и цунамито од 2011 година, му беше наредено да се евакуира.

„Денешниот земјотрес беше сериозен и најсилен во последните десет години“, објави гувернерот на Камчатка на Телеграм.

Текстот Сирените се огласија на Хаваите по предупредувањето за цунами, луѓето со автомобили бегаат на безбедно е превземен од МАКФАКС.