Градското дерби, наречено „Мадрилењо“, сигурно е најпривлечниот двомеч во осминафиналето, во Лигата на шампионите. Првиот натпревар ќе се одигра утре на „Бернабеу“, домот на Реал Мадрид.
Во пресрет на натпреварот, тренерите Диего Чоло Симеоне и Карло Анчелоти, си поделија комплименти на прес конференциите.
„Ќе биде спектакл за Мадрид, за градот, го имаме овој натпревар каде Реал Мадрид игра против Атлетико Мадрид. Спектакл и за Шпанија, бидејќи тоа значи дека шпански тим дефинитивно ќе биде во четвртфиналето и тоа е добро. За сите нас кои ќе учествуваме во натпреварот, треба да уживаме во него, апсолутно да уживаме. Ова е исклучително важен натпревар против ривал кој многу го почитуваме, подготвени сме на се“, вели Симоне и додава:
„Отсекогаш сум гледал на Барселона и Реал поради нивната историја и тоа не се смени никогаш. Историите на тие два клуба се неверојатни. А ние растеме на еден чист начин, тоа е прекрасно“, рече тренерот на Атлетико.
Атлетико е непоразен во седум последователни дербија со Реал Мадрид, а тимот на Симеоне моментално е во серија од десет натпревари без пораз во сите натпреварувања, односно има само еден проаз на последните 26 натпревари.
„Се сеќавам (зборува за Чоло Симеоне) дека постигна гол за Лацио против Јувентус. Се бореа за титулата, Лацио победи и стана шампион. Мислам дека беше 2000 година. Имам голема почит кон него како тренер. Тој е одличен! Го крена Атлетико до највисокото ниво во Европа. Ми се допаѓа начинот на кој ги чита натпреварите, го води тимот, а исто така и како неговиот тим изгледа дефанзивно поради стратегијата “, изјави Анчелоти и додаде.
„Дербито е секогаш исто, тоа е посебен натпревар по емоции и притисок. Така ќе биде и утре. Ќе биде тесно и изедначено, одлуката ќе падне во реваншот. Наша цел утре е да одиграме добро, да создадеме предност, но не размислуваме колку ќе биде голема наа предност“.
Текстот Симеоне и Анчелоти си поделија комплименти пред дербито во ЛШ е превземен од МАКФАКС.