Најновата закана од Атлантикот, моќната бура Дараг, опустоши делови од Европа, носејќи силен ветер и обилни врнежи од дожд.

Во Ирска и Велика Британија ударите на ветерот достигнаа и до 150 километри на час, имаше проблеми со снабдувањето на струја, сообраќајот беше хаотичен, дрвја паднаа врз возила. Метеоролошките служби наведуваат дека ова време е „опасно по живот“.

Поради Дараг, тие издадоа црвено предупредување во дел од Обединетото Кралство, службите за итни случаи и властите апелираат до луѓето да останат во своите домови.

„Три милиони луѓе во областите за предупредување за силен ветер добија итен аларм на своите телефони. Тие апелираат до нив да останат дома и да избегнуваат возење доколку е можно“ објави „Дејли мејл“.

Десетици илјади домови се без струја во јужен Велс и западна Англија.

„Во предупредувањето, исто така, беше наведено дека луѓето треба да размислат за собирање батериски ламби, батерии, преносни полначи за мобилни телефони и други неопходни работи што веќе ги имаат дома во случај на прекин на струја“, објави „Би-Би-Си“.

По ударот врз ОК и Ирска, Дараг се очекува да се движи кон исток и да влијае на делови од западна Европа, вклучувајќи ги Франција, Белгија, Холандија и Германија. Невремето се очекува да донесе обилни врнежи од дожд и силен ветер во овие области за време на викендот.

Текстот Силна бура ги зафати Ирска и Обединетото Кралство: „Опасно е, останете дома“ е превземен од МАКФАКС.