Светската здравствена организација (СЗО) објави дека е прекината постапката за итно одобрување на руската вакцина „Спутник В“ бидејќи недостасува одредена количина на податоци и усогласување на законските процедури.
СЗО изрази надеж дека постојните недостатоци наскоро ќе бидат отстранети.
Речиси секој ден работиме со руското Министерство за здравство за да ги решиме преостанатите прашања што треба да ги задоволи рускиот фонд за директни инвестиции, рече Маријангела Симао, помошник -генерален директор на СЗО за пристап до лекови и здравствени производи, пренесуваат агенциите.
Симао потврди дека СЗО повторно ќе го отвори случајот, ќе ги процени доставените податоци и ќе продолжи со инспекциите на производствените капацитети во Русија, дури и ако досието се уште не е целосно.
Сите поднесоци што ги имаме се обработуваат на ист начин“, рече таа, но не го наведе крајниот рок кога може да заврши процесот за одобрување на руската вакцина за внесување на списокот на дозволени за употреба против Ковид-19.
Рускиот министер за здравство Михаил Мурашко претходно изјави дека сите пречки за регистрирање на „Спутник В“ во СЗО се отстранети и дека остануваат само неколку чекори.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.