Панел на Светската здравствена организација (СЗО) препорача употреба на два лека, во обид да создаде нови опции за лекување на пациенти со Ковид-19 во време на рапидно ширење на Омикрон варијантата на корона вирусот.
Податоците на СЗО покажуваат дека Омикрон, кој ја избегнува заштитата што ја обезбедуваат многу вакцини и терапии, е идентификуван во 149 земји. Омикрон брзо ја замени Делтата како доминантна варијанта во неколку држави, принудувајќи ги владите и научниците да ја зајакнат одбраната преку тестирање, инјекции и терапии.
Комисијата на СЗО силно го препорачува лекот „барицитиниб“ на компанијата „Ели Лили“, кој се продава под брендот „Олумиант“ (Olumiant), за пациенти со тешка форма на Ковид-19 во комбинација со кортикостероиди, додека условно ја поддржува терапијата со антитела „ГСК-ВиР“ (GSK-Vir) за полесни пациенти со најголем ризик од хоспитализација.
Досега, терапијата со моноклонални антитела „ГСК-Вир“ беше единствената што покажа ефикасност против омикрон во лабораториски тестови, додека слични третмани од „Ели Лили“ (Eli Lilly and Co и Regeneron Pharmaceuticals) понудија помала заштита при ваквите тестови – се вели во соопштението на СЗО.
Експертите на СЗО забележуваат дека ефикасноста на третманот со моноклонални антитела – лабораториски произведени соединенија кои ја имитираат природната одбрана на телото – против новите варијанти како што е омикрон сè уште е неизвесна, и велат дека упатствата за оваа класа лекови ќе бидат ажурирани кога ќе има дополнителни податоци.
Упатствата на СЗО, објавени во Британскиот медицински журнал, исто така наведуваат дека доказите покажуваат дека „барицитиниб“ ја подобрува стапката на преживување и ја намалува потребата за респиратор, без забележано зголемување на негативните ефекти.
Француската медицинска хуманитарна организација „Лекари без граници“ (MSF) ги поздрави упатствата на Обединетите нации и рече дека „барицитиниб“ може да биде потенцијална алтернатива на тековните третмани со моноклонални антитела препорачани од СЗО, кои сè уште недостасуваат во многу земји со низок и среден приход.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.