Се зголемува ризикот од појава и проширување на епидемија од мали сипаници во државата бидејќи опфатот со МРП вакцината е многу мал, апелираат здравствените работинци.
Најзагрижувачки се бројките во Битола, Струга, Гевгелија и особено Куманово каде што опфатот на вакцинирани е само 40,3 отсто.
Најмалку 95 отсто е потребно да бидат вакцинирано населението за да се постигне колективен имунитет. Во моментов, со прва доза од МРП вакцината се имнизирани 83 отсто, а со втора доза 74 проценти, што е далеку под минимумот кој е неопходен за постигнување на колективен имунитет, истакна епидемиологот д-р Кристина Ставридис од Инстутот за јавно здравје (ИЈЗ).
Таа заедно со примариус д-р Љиљана Којиќ, специјалист педијатар од Клиниката за детски болести, д-р Злате Мехмедовиќ, портарол на Комисијата за заразни болести и Патиција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ за Македонија говореа на брифингот за новинари за важноста од имунизацијата на населението.
Годинава е регистриран само еден случај на мали сипаници кај 13 месечно невакцинирано бебе од Свети Николе, каде опфатот со вакцина бил над 98 отсто, што придонело да не се појави епидемија.
Најдобро е вакцините да се примаат навремено, според календарот за имунизација, но и ако се одложи некоја вакцина, може да се стави подоцна. Но, важно е децата да бидат имунизирани, за да не се соочуваме со епидемии од болести кои треба да се сметаат за изчезнати или болести кои се јавувале и земале жртви пред да ги имаме вакцините како одлично средство во борбата со многу болести, рече д-р Ставридис.
Согласно календарот за вакцинација во Македонија, првата доза се дава кога детето ќе наполни 12 месеци, а втората на возраст од 6 години. Ако МРП вакцината не се прими со навршени 12 месеци и се одложи за понатаму, д-р Ставридис појаснува дека таа може да биде аплицирана подоцна. На пример, ако детето ја прими на две години, ревакцината се врши според календарот, на шест години. Доколку првата доза се прими по навршени шест години, ревакцинацијата се врши по еден месец.
Како што потсетуваат од Одделението за имунизација и вакцино – превентабилни заболувања при ИЈЗ, последната епидемија на мали сипаници беше во 2019 година со вкупно 1.901 заболено лице.
Над 80,5 отсто од заболените лица во епидемијата беа невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Епидемијата заврши како резултат на интензивната вакцинална кампања со МРП вакцинација, со која беа опфатени над 44.000 деца до 14 годишна возраст, како најефикасна противепидемиска мерка. Таа година, опфатот со МРП вакцина надмина 93 проценти и за прва, и за втора доза. Но, веќе следната година со почеток на Ковид-19 пандемијата, вакциналниот опфат се намалува на 63,0 отсто за прва доза и 68.5 проценти за втора доза. Следните две години се бележи скромно зголемување на кое достигна 70.7 отсто за прва доза и 89.2 проценти за втора доза, во 2022 година. Нискиот опфат последните две години доведува до зголемување на бројот на невакцинирано, осетливо население на мали сипаници“, информираат од ова Одделение.
Примариус д-р Којиќ, говореше за компликациите што можат да настанат по прележување на морбили. Таа кажа дека во нејзиното претходно работно искуство, имало случаи на 11 деца со аутистичен спектар што не биле вакцинирани, па нагласи дека кај нив во никој случај не може да има поврзаност со вакцинирање. На родителите што сакаат да ги вакцинираат децата кои се алергични, им советува да се обратат за консултација на Одделот за имунологија, на Клиниката за детски болести.
Свое обраќање пред новинарите имаше и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани.
На настанот беше кажано дека МРП вакцината е безбедна и ефикасна, најдобар начин на превенција, комбинирана вакцина што обезбедува истовремена заштита против три сериозни болести, мали сипаници, рубеола и заразни заушки.
Причина за овие болести е вирусна инфекција. Најчесто се јавуваат во детската возраст иако може да заболат и возрасни лица. Беше нагласено дека не постои специфичен третман за овие болести, но, успешно може да се превенираат со навремена и редовна вакцинација.
Беше потсетено дека мали сипаници се високо контагиозно, респираторно заболување предизвикано од вирус што може да доведе до тешки компликации и смрт.
Рубеолата е вирусна респираторна инфекција која вообичаено предизвикува благи симптоми кај децата, како зголемена температура, осип и отечени лимфни жлезди. Кај децата може да помине и без симптоми, но кај бремените жени и нивниот плод може да предизвика сериозни здравствени компликации.
Заразните заушки – паротит, се вирусна респираторна инфекција која се манифестира со зголемена температура, главоболка и оток на плунковите жлезди. Вообичаено болеста поминува со блага клиничка слика, но кај одредени случаи може да предизвика сериозни компликации како воспаление на мозочните обвивки – менингитис, или воспаление на мозокот – енцефалитис. Ретка, но карактеристична компликација е губење на слухот. Секој четврти адолесцент или возрасен маж развива оток и воспаление на тестисите, што ретко може да доведе до неплодност.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.