Секој четврти тестиран е позитивен на Ковид-19, додека во околу 70% од материјалите се регистрира сојот омикрон кој е веќе присутен во 12 градови во државава. Според надлежните здравствени работници, пикот сè уште не е достигнат, но во наредниот период се очекува стагнација на бројот на новозаболени, а потоа би следувало значително опаѓање и стабилизирање на состојбата.
Омикрон брзо се шири, а низ земјава има над 350 хоспитализирани пациенти во болниците.
Во земјава вчера беа регистрирани нови 1.865 случаи на Ковид-19. Од нив, 207 се реинфекции. Бројот на активни случаи изнесува 14.545.
Од новодијагностицираните, во Скопје се 871, а потоа следуваат Битола со 177 и Прилеп со 119. Во останатите градови, бројот на нови случаи е двоцифрен или едноцифрен. Според податоците од вчерашниот билтен, оздравени се 784 пациенти, а починати се осум лица од кои најмладиот на 45 години.
Досега кај нас се направени вкупно 1.686.063 тестирања на Ковид-19, а вкупниот број инфицирани од почетокот на епидемијата изнесува 239.920.
Комисијата за заразни болести засега нема предлози за нови мерки, ниту за скратување на времето на изолација на позитивни од тестирани на SARS-CoV-2 кои се асимптоматски случаи. За овој предлог, членовите ќе донесат одлука по дополнителна обемна дискусија која ќе следи во наредните денови.
Се разгледува и евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие од учебната година, но одлуката по овој предлог ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие, бидејќи клучно ќе биде каква е епидемилошката состојба во државата.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.