Еден од осум млади Германци никогаш не слушнале за Холокаустот, термин за систематско убивање Евреи за време на нацистичката ера, покажува истражувањето.

Во истражувањето, во кое беа опфатени млади луѓе на возраст меѓу 18 и 29 години, 12 отсто од испитаниците рекле дека никогаш не слушнале за терминот.

Тој удел е уште поголем во Австрија, 14 отсто, Романија 15 отсто и во Франција неверојатни 46 отсто, пренесува „ДПА“.

Истражувањето е нарачано од Конференцијата за еврејски барања за компензација, во време на подемот на екстремната десница во Европа.

Околу 1.000 млади луѓе беа анкетирани во Германија, Франција, Австрија, ОК, Полска, Унгарија, Романија и САД. Во сите овие земји, значителен дел од испитаниците не знаеле дека за време на нацистичката ера биле убиени околу шест милиони Евреи, а во Германија тоа било дури две петтини.

Во Германија два отсто од испитаниците се согласиле дека холокаустот воопшто не се случил.

Големо мнозинство во речиси сите земји испитани процениле дека нешто како Холокаустот може да се случи денес: 76 отсто во САД, 69 отсто во Британија, 63 отсто во Франција, 62 отсто во Германија и 61 отсто во Австрија.

Централниот совет на Евреите во Германија со тревога реагираше на резултатите од истражувањето.

„Загрижувачкиот пораст на антисемитското вербално и физичко насилство што го гледаме во Германија е главно вкоренет во дезинформации и недостаток на податоци за холокаустот“, рече претседателот на Советот Јозеф Шустер.

Текстот Секој осми млад Германец не слушнал за Холокаустот, анкетирани и млади лица во Европа и САД – податоците неочекувани е превземен од МАКФАКС.