Украина е и ќе остане приоритет за Франција, порача синоќа новиот француски министер за надворешни работи Стефан Сежурне на заедничката прес-конференција со неговиот украински колега Дмитро Кулеба.
Сежурне истакна дека Украина е неговата прва дестинација во странство по неговото назначување во реконструкцијата на француската Влада оваа недела, пренесува МИА.
„Украина е и ќе остане приоритет на Франција. Одбраната на основните принципи на меѓународното право се одвива во Украина“, рече Сежурне на прес-конференцијата.
Тој го повтори ветувањето на неговата влада дека ќе ја поддржува Украина „се додека е потребно“, но не најави нови испораки на оружје.
„Русија се надева дека Украина и нејзините поддржувачи ќе се изморат пред неа. Нема да ослабнеме. Тоа е пораката што ја носам овде до Украинците. Нашата одлучност е недопрена“, рече Сежурне.
Тој рече дека францускиот одбранбен фонд кој ќе и дозволи на Украина да купува оружје, исто така добил нови средства во последните недели, но не ја прецизираше сумата.
Сежурне рече дека Франција ќе го искористи „сето свое влијание“ на претстојниот самит на ЕУ на почетокот на февруари за да ја натера Унгарија да го деблокира пакетот помош за Украина.
Кулеба му се заблагодари на Сежурн што „уште еден голем руски удар“ не го одврати од посетата.
Тој, исто така, истакна дека многу компоненти од западно производство се пронајдени во руските ракети што се користат за напад на Украина.