Северна Кореја го осуди неодамнешниот извештај на мултилатералната група за следење на санкциите за врските со Русија како политички и пристрасен, велејќи дека нејзината воена соработка со Москва е „легитимно остварување на суверените права“, објавија денес државните медиуми.
Мултилатералниот тим е „политичка алатка што дејствува во согласност со геополитичките интереси на Западот и затоа нема оправдување да истражува остварување на суверените права од страна на други земји“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја, цитирано од државната новинска агенција КЦНА.
Министерството за надворешни работи изјави дека воената соработка со Русија е легитимна по нивниот договор со кој се бара од секоја страна да обезбеди воена помош во случај на вооружен напад врз другата страна.
„Изразуваме сериозна загриженост во врска со провокативните акти на Западот кои ги кршат суверените права на Демократска Народна Република Кореја со нејзините еднострани и арогантни политички и правни стандарди како мерило, и силно предупредуваме на негативните последици што ќе произлезат од нејзините неодговорни акти“, соопшти министерството, според државните медиуми.
По месеци молчење, Северна Кореја и Русија потврдија во април дека Пјонгјанг распоредиле сили да се борат за Русија во војната во Украина како дел од сеопфатниот договор за стратешко партнерство потпишан од нивните лидери минатата година.
Во извештајот на Тимот за мониторинг на мултилатералните санкции, група составена од 11 членки на ОН, се вели дека Северна Кореја ѝ овозможила на Русија да ги зголеми ракетните напади врз критичната украинска цивилна инфраструктура и испорачала повеќе од 20.000 контејнери со муниција.
Текстот Северна Кореја го осуди извештајот за нејзината воена соработка со Русија е превземен од МАКФАКС.