Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља изјави дека косовските власти имаат докази дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ бил директно вклучен во обуката на терористичката група која го изврши нападот во Бањска на северот на Косово во септември минатата година.
Тој во синоќешното интервју за Еуроњуз Албанија рече дека Косово ги има сите потребни сценарија и подготовки за да одговори на евентуална српска агресија.
– Имавме среќа да собереме многу докази поврзани со терористичката група. Сега знаеме дека пред нападот во Бањска оваа група била обучувана на официјален воен полигон на Србија. Вучиќ неодамна го посети тој полигон, каде што редовната српска армија имаше воена обука. Ги имаме снимките, имаме примопредавање на оружје од армиските магацини за оваа терористичка група. Имаме разузнавачки информации, усни сведоштва кои покажуваат дека Вучиќ бил директно вклучен во обуката на оваа група. Ги имаме сите докази. Друго е ако сакаме да ги игнорираме или минимизираме, рече Свечља.