Норвешкиот атлетичар Јакоб Ингебригтсен, двократен олимписки шампион и светски рекордер на 1500 метри, сведочеше пред судот во Санднес на судскиот процес против неговиот татко и поранешен тренер Герт Ингебригтсен, кој се соочува со обвиненија за физичко и психичко малтретирање. Јакоб во своето сведочење опиша детство обележано со страв и манипулации, нагласувајќи дека пораснал во атмосфера на целосна контрола.

„Пораснав во страв. Сè ми беше однапред одредено, и се чувствував како да немам збор”, изјави 24-годишниот спортист пред судот. Герт Ингебритсен, кој ги тренираше Јакоб и неговите браќа Филип и Хенрик до 2022 година, е обвинет за долгогодишно малтретирање кое вклучува наводни физички напади врз Јакоб и неговата помлада сестра Ингрид.

Според обвинението, инцидентите се случиле во периодот од 2008 до 2022 година и вклучувале тупаници, шамари и вербални закани. За време на неговото сведочење, Јакоб наведе конкретни случаи на насилство, вклучително и ситуација од детството кога неговиот татко го удрил откако добил негативни повратни информации од училиштето.

„Не знам точно колку пати ме удрише, но додека седев таму, ми изгледаше како многу долго. Некаде помеѓу 10 и 20 пати, а јас само се обидував да се заштитам“, се присетува тој на една случка.

Запрашан зошто престанал да го нарекува татко му „тато“ кога имал околу 11 години, Јакоб рече: „Веќе не ја гледав таа личност како татко. Мислев дека работите што ги кажа, работите што ги правеше и правеше не беа достојни за татко“.

Одбраната на Герт Ингебригтсен тврди дека обвинувањата се неосновани и дека правилата што важеле во семејството се резултат на високите стандарди потребни за постигнување врвни спортски резултати.

Неговата адвокатка Хајди Реисванг истакна дека документарната серија „Тим Ингебригсен“, која го следела семејството пет сезони, не покажала докази за злоупотреба.

Јакоб, кој минатиот викенд се врати од Кина со два златни медали од Светското првенство во сала, нагласи дека му било тешко да зборува за овие искуства, но дека тоа го прави за вистината да излезе на виделина.

Судењето ќе трае до 16 мај, а на Герт му се заканува казна затвор до шест години доколку биде прогласен за виновен. Следниот сведок ќе биде сестрата на Јакоб, Ингрид, која ќе ги сподели сопствените искуства за нејзиниот татко како авторитарен и агресивен родител.

Овој случај привлече големо внимание на јавноста во Норвешка и пошироко, бидејќи семејството Ингебригтсен ужива статус на национални спортски икони. Интересот за судењето беше толку голем што сведочењето на Ингебригтсен го следеле во живо речиси 200.000 луѓе на „VG“.

Текстот Светскиот рекордер сведочеше против својот татко: Живеев во страв е превземен од МАКФАКС.