Светскиот ден на здравјето, 7-ми април годинава се одбележува под мотото „Наша планета, наше здравје“.
Дали можеме повторно да го замислиме светот во кој чистиот воздух, вода и храна се достапни за сите?
Дали може да замислиме свет каде економиите се фокусирани на здравјето и благосостојбата, свет каде градовите се погодни за живеење, а луѓето имаат контрола врз нивното здравје и здравјето на целокупната планета?
Најголемите проблеми во светот се лошото здравје и прераната смрт предизвикана од биолошки агенси во човековата средина во водата, храната, воздухот и почвата. Тие придонесуваат за прерана смрт на милиони луѓе, главно доенчиња и деца, како и за лошо здравје или инвалидитет на уште стотици милиони.
Здравјето зависи од нашата способност да ја разбереме и управуваме интеракцијата помеѓу човековите активности и физичката и биолошката средина. Имаме знаење за ова, но не успеваме да дејствуваме на правилен начин, иако имаме ресурси за одржливо да ги задоволиме сегашните и идните потреби.
Две грижи се од витално значење: развој кој се однесува на потребите на луѓето, особено за здравјето и еколошка одржливост за да не се исцрпат природните ресурси и да не се оштетат или деградираат природните системи. Задоволувањето на потребите на сегашното и идното светско население за храна, вода и енергија без исцрпување или оштетување на глобалната база на ресурси, притоа избегнувајќи ги негативните здравствени и еколошки последици од индустријализацијата и неконтролираната урбанизација, бара знаење и средства, како и промени во начинот на кој владите го планираат и управуваат развојот.
Луѓето несомнено ја нарушија рамнотежата на природата и како резултат на тоа, светот се соочува со највисока стапка на истребување.
Познати факти:
- Загадувањето на воздухот предизвикува појава на заболувања како рак на белите дробови, срцеви заболувања и мозочни удари и убива 13 луѓе секоја минута.
- Девет од десет луѓе дишат загаден воздух
- Согорувањето на фосилните горива како нафта, јаглен и природен гас предизвикува загадување на воздухот
- Климатските промени се закана за човековото здравје, бидејќи предизвикуваат болести како што се ракот, астмата, срцевите заболувања и болестите што ги пренесуваат комарците како Денга
3,6 милијарди луѓе немаат безбедни тоалети на глобално ниво, нетретираниот човечки отпад ги деградира екосистемите и здравјето на луѓето - 2 милијарди луѓе на глобално ниво немаат безбедна вода за пиење
- 829000 луѓе годишно умираат од дијареја предизвикана од загадена вода и лоши санитарни услови.
- Повредите од игла од фрлени шприцеви може да предизвикаат хепатитис Б, Ц и заразни болести.
- Тутунот убива повеќе од 8 милиони луѓе секоја година, предизвикува голема зависност и претставува главен фактор на ризик за појава на рак, срцеви, белодробни заболувања.
- 600 милиони дрвја се сечат за да се направат 6 трилиони цигари секоја година, со што се намалува чистиот воздух што го дишеме.
- Зголемувањето на температурите и поплавите предизвикани од климатските промени ќе бидат причина за ризик од инфекција со денга на дополнителни 2 милијарди луѓе.
- Загадувањето со азот диоксид може да ги влоши респираторните заболувања, особено астмата.
- Во време на пандемија, загадена планета, болести коишто се во постојан пораст како рак, астма, срцеви заболувања, на Светскиот ден на здравјето во 2022 година, СЗО ќе го фокусира глобалното внимание на итните активности потребни за одржување на здравјето на луѓето и целата планета, како и за поттикнување на движењето за создавање општества фокусирани на благосостојба.
Целта е да се сврти вниманието на граѓаните на важноста од зачувување на природата и спречување на негативните последици по животната средина, односно да се предупреди за опасностите по живот на Земјата, екосистемите и урбаните области поради индустрискиот развој, зголемената потрошувачка на енергија, глобалното затоплување и климатските промени, со цел светското население да стане свесно за својата одговорност кон планетата на кој живее.
СЗО проценува дека повеќе од 13 милиони смртни случаи ширум светот секоја година се должат на еколошки причини што може да се избегнат. Ова пред се, се однесува на климатската криза која е единствената најголема здравствена закана со која се соочува човештвото. Всушност, климатската криза е и здравствена криза.
Нашите политички, социјални и комерцијални одлуки ја водат климатската и здравствената криза. Над 90 отсто од луѓето дишат загаден воздух како резултат на согорување на фосилни горива. Глобалното загревање го зема својот данок, комарците шират болести подалеку и побрзо од кога било досега. Екстремните временски настани, деградацијата на земјата и недостигот на вода ги раселуваат луѓето и влијаат на нивното здравје. Загадувањето и пластиката се наоѓаат на дното на нашите најдлабоки океани, највисоките планини и се пробиле во нашиот синџир на исхрана. Системите за производство на ултра-обработена, нездрава храна и пијалоци придонесуваат за се почеста појава на гојазност, притоа зголемувајќи ја и појавата на рак и срцеви заболувања, а истовремено создаваат третина од емисиите на стакленички гасови.
Авторите на Шестиот извештај на Меѓународниот панел за климатски промени (IPCC) испратија предупредувачка порака – порастот на глобалната просечна температура и последователните временски екстреми претставуваат огромна закана за животот на Земјата и може да бидат фатални за нас.
Во извештајот се наведува дека дури половина од населението, меѓу 3,3 и 3,6 милијарди луѓе, живеат во области кои се „многу ранливи“ на глобалното затоплување.
Спектарот на негативните влијанија на климатските промени врз нас и нашата околина е поширок споредено со претходните сознанија на авторите на Петтиот извештај на IPCC од 2014 година. Временските екстреми како топлотните бранови и ураганите стануваат се почести и посилни поради глобалното затоплување, предизвикувајќи големи штети на инфраструктурата и природните ресурси и го загрозува човековото здравје и животи. Од 2008 година, повеќе од 20 милиони луѓе годишно мораа да ги напуштат своите домови поради разорните поплави и бури.
Зголемените глобални температури ги принудуваат животните и растенијата од копното да мигрираат на половите или на повисоките височини, а оние што не може да се прилагоди на променетите климатски услови изумираат. Овој процес има многу поголемо влијание врз животната средина и може да резултира со нарушување на синџирот на исхрана. Според Ханс-Ото Портнер, копретседавач на другите работни групи на IPCC, со обновување на деградираните екосистеми и ефективно и правично зачувување помеѓу 30 и 50% од живеалиштата на земјиштето, свежата вода и океаните, општеството може да има корист од неговиот природен капацитет да апсорбира и складира јаглерод и може да се забрза напредокот кон одржлив развој.
И покрај фактот дека постојат одредени напори за преземање активности поврзани со климатската криза, тие се покажаа како недоволни и несоодветни, а понекогаш и лошо планирани, наведуваат авторите на извештајот на IPCC. Засега, дел од ветувањата останаа само на ниво на зборови, наместо да се преточат во конкретни дела кои би помогнале да се спречи порастот на просечната глобална температура – едно од нив е финансиската помош за помалку развиените земји.
Доколку емисиите на стакленички гасови останат исти, стотици милиони луѓе ќе бидат изложени на екстремни топлотни бранови во иднина, економските загуби ќе бидат неверојатни, а многу природни системи ќе пропаднат.
Додека пандемијата COVID-19 ни ја покажа исцелителната моќ на науката, таа исто така ги истакна нееднаквостите во нашиот свет. Пандемијата ги откри слабостите во сите области на општеството и ја акцентираше итноста за создавање одржливи „општества коишто се грижат за благосостојба“, посветени на постигнување здравје за сегашните и идните генерации без да се прекршуваат еколошките граници. Сегашниот дизајн на економијата води до нерамномерна распределба на приходот, богатството и моќта, при што премногу луѓе сè уште живеат во сиромаштија и нестабилност. И покрај фактот дека богатите нации значително повеќе придонеле за климатските промени со согорувањето на фосилните горива, сиромашните земји се најмногу изложени на нивните влијанија. Како резултат на климатските промени, нивните и онака неразвиени економии дополнително ослабуваат, жителите умираат, нееднаквоста расте. Трендот ќе продолжи доколку климатските активности не се фокусираат на еднаквост и правда. Десетици милиони луѓе ќе се најдат на работ на егзистенција во случај на дополнително глобално затоплување. Прекинувањето на циклусите на уништување за планетата и здравјето на луѓето бара законодавна акција, корпоративни реформи и поединци коишто ќе бидат поддржани и охрабрени да прават здрави избори.
Ханс-Ото Портнер заклучува: „Научните докази се недвосмислени: климатските промени се закана за човековата благосостојба и здравјето на планетата. Секое понатамошно одложување на конкретната глобална акција ќе направи да не можеме да поминеме низ малиот прозорец за сигурна иднина што брзо се затвора“.
Имено, се нагласува потреба од итни акции за одржување на здравјето на луѓето и целата планета со фокус на еднаквоста и праведноста. Од таа причина, преку кампањата „Наша планета, наше здравје“, СЗО ги повикува владите и јавноста да ги споделат активностите што ги преземаат за да ја заштитат планетата и целокупното здравје со посебен акцент на создавање одржливи општества коишто се грижат за благосостојбата.
Извор: Институт за јавно здравје
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.