Православните верници утре го прославуваат светиот апостол Тома. Тој во народот е познат како Томинден, сеќавање на светиот Тома, еден од дванаесетте апостоли кој го ширел Христијанството најпрво во Палестина, а потоа и во Персија и во Индија каде бил убиен.

Многу семејства овој ден го одбележуваат како своја куќна слава. Во минатото го прославувале дрводелците, бочварите, коларите, столарите, бунарџии , ѕидарите… Се верувало дека тој штити од волци.

Најважното е дека на овој празник важи „Свети Тома седи дома“, па така не се оди никаде.

Свети апостол Тома е познат меѓу народот по неговото неверување, но на малку луѓе им е јасно дека се работи за сомнеж во воскреснатиот Христос како Спасител. Во личноста на неверниот Тома го видоа симболот на сомнежот во Христовото воскресение, зашто секое неверување на секој еден човек во крајна линија е неверување во Христовото подигање од мртвите. Она што му е уште помалку познато на нашиот народ е дека неверувањето на истиот Тома, Господ го искористи за да се потврди пред целиот свет реалноста на Неговото воскресение.

Да се потсетиме дека апостол Тома ги стави прстите во Христовите рани и ја опипа реалноста на живото тело, истото тело кое претходно умре на крстот. Подоцна, кога апостолите се распрснаа по целиот свет да го проповедаат Евангелието, на свети Тома му падна да отиде во Индија. Таму пострада маченички и со тоа уште еднаш, и сега најасно, ја посведочи својата вера во воскреснатиот Спасител.

Светиот апостол Тома

Еден од Дванаесетте големи апостоли. Со неговиот сомнеж во воскресението на Господ Исус Христос беше придобиена нова потврда за тој чудесен и спасоносен настан. Имено, воскреснатиот Господ повторно им се јави на учениците за да го увери Тома. И му рече Господ на Тома: „..дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, но верлив!“ И Тома возвикна: „Господ мој и Бог мој!“ (Јован 20). По слегувањето на Светиот Дух, кога апостолите ги мешаа жрепките каде кој ќе оди на проповед, на Тома му падна жрепка да оди во Индија. Тој малку се нажали што мора да оди во толку далечен крај, но Господ му се јави и го охрабри. Во Индија Св. Тома многумина, големци и сиромашни, ги обрати во верата Христова и ја заснова таму Црквата и постави свештеници и епископи. Меѓу останатите Тома ги обрати кон Христа и две жени на двајца индиски кнезови, Тертијана и Мигдонија, коишто беа сестри. Овие сестри беа од своите мажи намачени заради верата, затоа што не сакаа да живеат со нив откако примија Крштение, а потоа мажите ги отпуштија. Откако се ослободија од бракот тие поживеаја богоугодно до смртта. Дионисиј и Пелагија, претходно беа вереници, но кога ја слушнаа апостолската проповед не влегоа во соживот, но се посветија на подвиг. Пелагија заврши како маченичка за верата, а Дионисиј беше поставен од апостолот за епископ. Кнезот Муздиј, маж на Тертијана, кому што Тома му ги крсти жената и синот, го осуди апостолот на смрт и испрати петмина војници коишто го прободија со пет копја. Така си ја предаде душата во рацете на Христос Светиот апостол Тома. Пред својата смрт и тој, како и другите апостоли, беше чудесно пренесен на погребот на Пресвета Богородица. Но бидејќи пристигна доцна, горко зажали, па на негова молба го отворија гробот на Пресветата, но внатре не го најдоа Нејзиното тело. На таинствен начин Господ Ја беше зел Својата Мајка во Неговите небесни живеалишта. И така Свети Тома, којшто со своето неверување ја утврди верата во Христовото воскресение, во овој случај задоцнувајќи ни го откри чудесното прославување на Богородица.

Тропар
Апостоле свети Томо, милостивиот Бог моли Го, да им даде прошка на гревовите на душите наши.

Кондак
Вистинскиот Христов апостол и служител, исполнет со благодат на премудроста, во покајание Ти повикуваше: Ти си мојот Бог и Господ.

Преподобниот новомаченик Макариј

Роден е во местото Кион во Витинија од хриситјански родители, Петар и Антуса, а крстен е со името Мануил. Родителите го дадоа да учи кројачки занает. Потоа татко му се потурчи и се пресели во Бруса. Кога еднаш Мануил појде во Бруса по работа, наиде на татко му, којшто навали на сила да го потурчува. Мануил попусто се противеше: Турците насила го обрезаа. Тогаш тој побегна на Света Гора и се замонаши во скитот на Света Ана и се нарече Макариј. Дванаесет години беше извонреден монах, но никако немаше душевен мир. „Ако некој се одрече од Мене пред луѓето и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец“ (Матеј 10, 33) – тие Христови зборови непрестајно му зуеја во ушите на Макариј. Затоа реши и со благослов на својот Старец отиде во Бруса и јавно пред Турците ја исповеда својата вера во Христа, нарекувајќи го Мухамед лажен пророк. Го биеја сто и триесет дена подложен на тешки маки и на крајот го убија со меч во Бруса на 6 октомври, 1590 година. Еден дел од неговите чудотворни мошти се чува во скитот на Света Ана на Атон.