Саудиска Арабија егзекутираше новинар во саботата откако највисокиот суд во земјата ја потврди смртната казна, соопшти државната новинска агенција.
Истакнатиот саудиски новинар Турки Ал-Џасер беше уапсен во 2018 година. Тој беше прогласен за виновен за тероризам и предавство. Активистичките групи велат дека обвиненијата против него се лажни. Властите извршија рација во домот на Ал-Џасер во 2018 година, го уапсија и му го запленија компјутерот и мобилните телефони.
Не е јасно каде се одржало судењето ниту колку долго траело. Според Комитетот за заштита на новинарите со седиште во Њујорк, саудиските власти тврдат дека Ал-Џасер стоел зад профил на социјалните мрежи на кој се изнесувале обвинувања за корупција против членови на саудиското кралско семејство. Се вели дека Ал-Џасер објавил и неколку контроверзни твитови за милитанти и милитантни групи.
Ал-Џасер водел личен блог од 2013 до 2015 година и бил познат по своите статии за Арапската пролет, женските права и корупцијата.
Директорот на програмата на Комитетот за заштита на новинарите, Карлос Мартинез де ла Серна, го осуди погубувањето и предупреди дека недостатокот на одговорност по убиството на колумнистот на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, во саудискиот конзулат во Истанбул во 2018 година, му дозволува на кралството да продолжи да ги прогонува новинарите.
„Неуспехот на меѓународната заедница да обезбеди правда за Џамал Кашоги не е само предавство на еден новинар“, забележа тој, додавајќи дека тоа „го охрабрило де факто владетелот, престолонаследникот Мохамед бин Салман, да продолжи да ги прогонува новинарите“.
Текстот Саудиска Арабија егзекутираше новинар е превземен од МАКФАКС.