Нови сателитски снимки открија сериозен инцидент во севернокорејско воено бродоградилиште – најновиот воен брод на режимот на Ким Џонг Ун, разорувач од 5.000 тони, беше оштетен за време на лансирањето и моментално се наоѓа навален и делумно потопен на рампата на бродоградилиштето во градот Чонгџин.

Инцидентот се случил во четврток, за време на церемонијалното спуштање на бродот, на кое лично присуствувал севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Сателитските снимки објавени од „Планет“ и „Ербас Дифенс енд Спејс“ потврдуваат дека бродот е во неприродна положба, покриен со сини церади кои го кријат обемот на штетата.

Аналитичарот на Меѓународниот институт за стратешки студии, Џозеф Демпси, објави дека снимката сугерира дека бродот е навален на десната страна и можеби е делумно потопен.

„Со оглед на аголот на наклон и очигледната положба, бродот веројатно е на страна или барем делумно потопен“, напиша тој на платформата Икс.

Севернокорејскиот режим ретко јавно признава технички дефекти, но овој инцидент тешко можеше да остане скриен откако беа објавени сателитските снимки. Сепак, КЦНА соопшти дека „штетата не е сериозна“, наведувајќи дека трупот на бродот не е пробиен и дека испумпувањето на водата би можело да го стабилизира бродот во рок од два до три дена. Експертите проценуваат дека целосната поправка ќе трае најмалку десет дена.

Сателитска снимка од разурнувачот пред инцидентот

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун не го криеше својот гнев поради несреќата.

„Ова е сериозен инцидент и кривично дело предизвикано од екстремна невнимание, неодговорност и ненаучен емпиризам, што е неприфатливо и не смее да се толерира“, рече тој, според извештајот на КЦНА.

Текстот Сателитските снимки откриваат детали за инцидентот што го налути Ким, се преврте разорувачот е превземен од МАКФАКС.