Европската унија треба да ја развие својата верзија на „Маршалов план “ за Молдавија и Украина, изјави денеска молдавската претседателка Маја Санду, цитирана од украинската новинска агенција Укринформ.
Санду ова го изјави на годишната конференција за буџетот на ЕУ во Брисел, јави Еуроактив.
-Како што Западна Европа доби економска помош по Втората светска војна со американскиот „Маршалов план“, така и на Молдавија и на Украина им е потребна помошта од ЕУ, посочи молдавската претседателка.
Санду, исто така, кажа дека целта на „Маршаловиот план“ е да му покаже на „исцрпениот континент дека капитализмот и демократијата се подобар пат за напред од тоа што го нуди комунизмот“. Исто така, модерната верзија на планот треба да им даде „слична надеж на оние кои се на патот кон членството во ЕУ“, објасни молдавската претседателка.
Таа на неколку пати во говорот на буџетската конференција кажа дека буџетот на ЕУ не треба само да обезбедува финансирање за зелени, дигитални и инфраструктурни проекти, туку треба да има за цел заштита на вредностите што се загрозени од „силите со мрачна визија“ за европски континент.
-Мораме да инвестираме и во спасување животи, во враќање на мирот, во заштита на слободата во клучните моменти од историјата, повика претседателката на Молдавија.
Повикот на Санду е сличен на оној што минатата година го упатија украинскиот претседател Володимир Зеленски и неколку земји-членки на ЕУ, забележува Укринформ.
„Маршаловиот план“, што обезбеди милијарди долари за економско закрепнување на европските земји по Втората светска војна, беше потпишан во 1948 година од американскиот претседател Хари Труман и беше именуван по тогашниот американски државен секретар Џорџ Маршал.