Фудбалерот на Ливерпул, Мохамед Салах изјави дека му е драго што клубот од „Енфилд“ го совлада Манчестер сити во дерби натпреварот од 26. коло на англиската Премиер лига, пренесоа британските медиуми.

Ливерпул во неделата го совлада Манчестер Сити на гости со 2:0, а Салах во победата учествуваше со гол и асистенција.

„Манчестер сити е тежок противник, има неверојатен менаџер. Мило ми е што на карјот ние победивме. Тоа е посебно чувство, особено бидејќи сме во трка за титулата. Се надевам дека ќе можеме да ја задржиме присебноста, бидејќи притисокот е се посилен. Ќе се обидеме да победиме на секој натпревар. На нас постарите потребна ни е уште една титула”, изјави Салах.

Ливерпул е на првото место на табелата во Премиер лигата со 64 бодови, 11 повеќе од Арсенал, додека Манчестер сити е на четвртата позиција со 44.

„Можеби некои ја претпочитаат мојата прва сезона во Ливерпул, но за мене оваа е подобра бидејќи сум блиску до титулата во Премиер лигата. Им помагам и на младите играчи, што е посебна работа“, истакна Салах.

Ливерпул во среда ќе го пречека Њукасл во 27. коло од Премиер лигата.

Текстот Салах: Луѓето ја претпочитаат мојата прва сезона, за мене оваа е подобра е превземен од МАКФАКС.