Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска ја повика Кина да влијае на Иран да не го затвора Ормутскиот теснец по нападот на Вашингтон врз иранските нуклеарни локации.
Рубио го упати повикот до Кина на „Фокс њуз“, откако иранската „Прес ТВ“ објави дека иранскиот парламент одобрил затворање на Ормускиот теснец, низ кој тече околу 20 отсто од глобалната нафта и гас.
„Ја охрабрувам кинеската влада во Пекинг да ги повика на ова бидејќи тие во голема мера зависат од Ормускиот Теснец за нивната нафта“, рече Рубио, кој е и советник за национална безбедност.
„Ако го затворат, тоа ќе биде уште една страшна грешка. За нив е економско самоубиство ако го направат тоа. И ние ги задржуваме опциите за да се справиме, но и другите земји треба да го разгледаат прашањето бидејќи ќе им наштети на економиите многу повеќе од нашата“.
Рубио рече дека затворањето на теснецот ќе биде огромна ескалација што ќе бара одговор од САД и другите. Кинеската амбасада во Вашингтон се уште не се огласила.
Американските власти рекоа дека ги уништиле главните ирански нуклеарни локации. Нападите претставуваат ескалација на актуелниот конфликт на Блискиот Исток.
Техеран рече дека ќе се брани со сите потребни средства. Денес, Рубио го предупреди Техеран да не иницира одмазда, велејќи дека таквата акција би била најлошата грешка што некогаш ја направиле, и додаде дека САД се подготвени да разговараат со Иран.