Амбасадорот на Соединетите Држави во Приштина, Џефри Ховениер, ја осуди постапката на косовските власти и повика таа веднаш да се прекине.
„САД ја осудуваат акцијата на косовските власти да пристапат до општинската зграда на северот на Косово. Таа насилна мерка мора веднаш да престане“, напиша на Твитер амбасадорот на САД во Приштина, Џефри Ховениер.
Реакцијата на американскиот амбасадор следува откако денеска косовската полиција влезе во општинските згради Звечан и Зубин Поток и Лепосавиќ, откако претходно употреби солзавец и шок бомби за да ги растера граѓаните кои беа собрани пред општинските згради.
Полицијата соопшти дека на овој начин им помага на новите градоначалници на општините во северниот дел на Косово да пристапат до официјалните објекти на тие општини, откако претходно дале заклетва.