Високи американски и украински претставници се состанаа вчера за да разговараат за новиот предлог од Вашингтон кој на САД ќе им обезбеди повластен пристап до природните ресурси на Украина, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на извор запознаен со преговорите.
Според тој извор, новата верзија на американскиот предлог е поширока од претходната и предвидува дека сите приходи од експлоатација на украинските суровини, без разлика дали се државни или приватни, ќе се инвестираат во заеднички инвестициски фонд.
Иако станува збор за договор што потенцијално ќе и овозможи на Украина да направи значителни инвестиции, предлогот не вклучува никакви безбедносни гаранции за Киев, истакнува Ројтерс.
„Рамката за преговори е многу антагонистичка“, рече еден од изворите на агенцијата.
Портпаролот на американското Министерство за финансии потврди дека се водат разговори, но ги опиша како „технички по природа“.
Преговорите за украинските минерални ресурси станаа, според американски и украински извори, клучна точка во преговорите за можно мирно решение на војната откако Доналд Трамп го презеде вториот мандат.
Трамп претходно изјави дека сака да врати дел од парите што САД ги потрошиле за помош на Украина по руската инвазија во 2022 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно отпатува во Вашингтон за да потпише договор за стратешките минерали, но средбата со Трамп заврши бурно и прекината.
Текстот САД сакаат повластен пристап до украинските минерали, но не нудат безбедносни гаранции е превземен од МАКФАКС.