Денес, на состанокот на Советот за безбедност на ОН, САД ги обвинија Русија и Кина дека „бесрамно ја штитат“ и ја поддржуваат Северна Кореја да продолжи да ги крши санкциите на ОН, откако Пјонгјанг вети дека ќе ја забрза изградбата на нуклеарни сили.

„Русија и Кина бесрамно го заштитија Пјонгјанг од каква било одмазда, па дури и осуда“, рече заменик-амбасадорот на САД во ОН, Роберт Вуд, на состанокот во врска со пробното лансирање на севернокорејската интерконтинентална балистичка ракета во четвртокот.

Вуд рече дека поради наводната заштита на Русија и Кина, Северна Кореја продолжила да ги унапредува своите програми за балистичка ракета, нуклеарно оружје и оружје за масовно уништување, пренесува Ројтерс.

Тој нагласи дека Русија и Кина го спречија Советот за безбедност на ОН да издаде изјава за осуда, потег што бара консензус.

Амбасадорот на Северна Кореја во ОН, Ким Сонг, му рече на Советот за безбедност дека Пјонгјанг ќе ги забрза програмите за зајакнување на своите нуклеарни сили со цел да се спротивстави на секоја закана од непријателските држави со нуклеарно оружје, пренесува Танјуг.

„Нуклеарната закана на САД против Северна Кореја веќе достигна критична точка во однос на нејзиниот обем и опасност. „Поради непромислените акции на САД, ситуацијата се приближува на работ на војна“, рече Ким.

Северна Кореја е под санкции на Советот за безбедност на ОН од 2006 година, а мерките беа зајакнати со текот на годините, со цел да се запре развојот на севернокорејската програма за нуклеарно оружје и балистички проектили.

Денеска Русија и Кина ги отфрлија приговорите на САД, а заменик-руската амбасадорка во ОН, Ана Евстињеева, ги обвини земјите кои го свикаа состанокот – САД, Франција, Јапонија, Малта, Јужна Кореја, Словенија и Велика Британија, за „демонизирање на Северна Кореја.

„Сакаме уште еднаш да забележиме дека Советот за безбедност мора фундаментално да ги ревидира своите пристапи за да ја извлече ситуацијата од овој опасен ќорсокак, а не да ја влоши“, рече таа.

Евстињеева, исто така, ги обвини западните земји дека се „заглавени некаде во периодот на Студената војна“.

Кинескиот амбасадор во ОН, Фу Конг рече дека на Советот за безбедност му треба единство, а не поделба и го повика Советот за безбедност на ОН да го промовира дијалогот меѓу народите.

„Советот за безбедност треба да одигра конструктивна улога по прашањето на корејскиот полуостров и да преземе конкретни мерки за деескалација на ситуацијата и зајакнување на меѓусебната доверба, наместо едноставно да воведува санкции и притисок“, рече тој.

Текстот САД: Русија и Кина ја штитат и поддржуваат Северна Кореја во кршење на санкциите на ОН е превземен од МАКФАКС.