Американскиот претседател Џо Бајден покани околу 110 земји на виртуелен самит за демократија во декември. Меѓу поканетите се западните сојузници, но не и Кина или Русија, според списокот објавен на веб-страницата на Стејт департментот на 23 ноември. Меѓу поканетите се: Северна Македонија, Ерменија, Бугарија, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Пакистан, Романија, Србија и Украина. Ниту една земја од Централна Азија не е на листата, како ни Босна и Херцеговина и Унгарија.
Самитот за демократија ќе се одржи од 9 до 10 декември. „Самитот ќе се фокусира врз предизвиците и можностите со кои се соочуваат демократиите и ќе обезбеди платформа за лидерите да ги објават и индивидуалните и колективните заложби, реформите и иницијативите за одбрана на демократијата и човековите права дома и во странство. Овие ветувања ќе вклучуваат домашни и меѓународни иницијативи кои се спротивставуваат на авторитаризмот, се борат против корупцијата и промовираат почитување на човековите права“, соопшти Стејт департментот.