Американскиот претседател Доналд Трамп објави на својата социјална мрежа „Тру Соушал“ и потврди дека Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство постигнале трговски договор.

„Договорот со Обединетото Кралство е целосен и сеопфатен и ќе ги зајакне односите меѓу Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство уште многу години. Поради нашата долга историја и сојузништво, голема чест е што Обединетото Кралство е наша прва објава. Наскоро ќе следат и многу други договори, кои се во сериозна фаза на преговори“, напиша тој.

Само неколку минути подоцна американскиот претседател објави дека доаѓа златното доба на Америка.

„Њујорк тајмс“ претходно објави за договорот, што го потврдија три извори запознаени со плановите. Истото го потврдија и извори за Би-Би-Си и Скај њуз.

Според Скај њуз, британската влада е подготвена да направи одредени отстапки при увозот на храна и земјоделски производи од Соединетите Американски Држави во замена за олеснување на извозните давачки за автомобилската индустрија.

Иако деталите се уште не се познати, нивниот дописник Пол Келсо наведува дека договорот може да зависи од волјата на Британија да направи отстапки за трговските царини.

Меѓутоа, проблемот е што ОК всушност нема многу царини за американските стоки – трговијата меѓу двете земји е прилично избалансирана, со сличен обем на извоз и увоз.

Претходно денес, британскиот премиер Сер Кир Стармер одржа говор по повод Денот на победата во Европа, фокусиран на темите за војната и одбраната, но накратко се осврна и на клучната економска тема на денот – трговскиот договор со Соединетите Американски Држави.

„Како што знаете, преговорите со САД се во тек. Ќе слушнете повеќе за тоа од мене подоцна денес“, рече Стармер.

„Нема сомнеж – секогаш ќе постапувам во националниот интерес, за доброто на работниците, претприемачите и семејствата, за да гарантирам безбедност и обнова за нашата земја“, додаде тој.

Во продолжението на говорот тој се осврна на одбранбената политика и најави дека одбранбената индустрија ќе биде клучен дел од економскиот раст и развој под неговата влада.

Текстот САД и Велика Британија постигнаа трговски договор е превземен од МАКФАКС.