САД наскоро ќе го истражат протекувањето на високо доверливи разузнавачки документи кои ги опишуваат подготовките на Израел за одмазднички напад против Иран, изјави претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон.
Документите, датирани од 15 и 16 октомври, првично беа објавени во петокот на апликацијата за пораки Телеграм.
Тие се означени како „строго доверливо“ и имаат ознаки што покажуваат дека можат да ги видат само САД и другите членки на алијансата „Пет очи“ – Австралија, Канада, Нов Зеланд и Велика Британија, според Си-Ен-Ен.
Се чини дека документите ги опишуваат израелските воени подготовки за напад врз Иран.
Во еден од документите се наведува дека материјалот е составен од американската Национална геопросторна разузнавачка агенција (НГА).
Претседателот на Претставничкиот дом, републиканец, Мајк Џонсон, потврди за Си-Ен-Ен дека истрагата „е во тек и за тоа ќе бидам информиран за неколку часа“.
Пентагон соопшти дека ги истражува извештаите. Од НГА се уште не се изјасниле за случајот.
„Њујорк тајмс“ објави дека американските власти „се обидуваат да го утврдат изворот на истекувањето, што ги опишува воените вежби и распоредувањето на оружјето, и колку тоа може да биде штетно“.
„Документите, кои нудат интерпретација на сателитски снимки, даваат увид во потенцијалниот израелски напад врз Иран во наредните денови“, според Њујорк Тајмс.
Многу владини функционери и набљудувачи ширум светот рекоа дека очекуваат Израел да го нападне Иран како одмазда за иранскиот ракетен напад претходно овој месец – за што Техеран рече дека самото е одмазда за претходниот напад на Израел.
Официјални лица изјавија за „Њујорк тајмс“ дека документите не се сеопфатна проценка на она што Вашингтон го знае за плановите на Израел и го претставува само она што аналитичарите кои гледаат на сателитски снимки може да го утврдат.
Текстот САД истражуваат објавени документи во кои се тврди дека Израел планира да го нападне Иран е превземен од МАКФАКС.