Американската влада го отфрли тврдењето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека барањето на Советот за безбедност на ОН за итен прекин на огнот во Газа им наштетило на преговорите меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас за ослободување на заложниците.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер рече дека изјавите од кабинетот на Нетанјаху кои имплицираат дека Хамас го отфрлил последниот предлог во преговорите за заложници поради резолуцијата на ОН се „неточни во речиси секој поглед и тоа е неправедно кон заложниците и нивните семејства“.
– Можам да ви кажам дека тој одговор беше подготвен пред гласањето во Советот за безбедност на ОН, а не по него, рече Милер на брифинг со новинарите во Вашингтон, додавајќи дека извештајот за одговорот на Хамас кој кружи во јавноста не е точен.
Милер рече дека американската влада „нема да се вклучи во реторичко одвлекување на вниманието по ова прашање“, туку ќе продолжи со напорите да обезбеди ослободување на заложниците.
Кабинетот на Нетанјаху претходно објави изјава во која се тврди дека „ставот на Хамас јасно ја покажува неговата целосна незаинтересираност за договор со преговори и ја потврдува штетата направена со резолуцијата на Советот за безбедност на ОН“.
Во резолуцијата, која е обврзувачка според меѓународното право, Советот за безбедност на ОН повика на „итен прекин на огнот“ во Појасот Газа за првпат од почетокот на војната. Покрај тоа, најмоќното тело на Обединетите нации бара итно и безусловно ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас, пренесува МИА.
САД, најголемиот сојузник на Израел, одлучија да не го користат своето право на вето, со што овозможија резолуцијата да биде усвоена.
Нетанјаху луто реагираше на гласањето на САД и веднаш ја откажа посетата на делегација на Вашингтон што ја побара американската влада.
Милер рече дека американската влада не донесува одлуки „врз основа на мали несогласувања или дали некој откажал состанок или не“, додавајќи дека националните безбедносни интереси на САД и нивните партнери во регионот секогаш заземаат централно место.