Соединетите Американски Држави (САД), близок соработник на Израел, го критикуваа признавањето на палестинската држава за кое се одлучија голем број земји, нарекувајќи го „шоу потег“ и нагласувајќи дека Вашингтон е посветен на сериозна дипломатија на Блискиот Исток.

„Продолжуваме да бидеме посветени на сериозна дипломатија, а не на шоуменство. Нашите приоритети се јасни: ослободување на заложниците, безбедноста на Израел, како и мирот и просперитетот за целиот регион, што не може да се гарантира без отсуство на Хамас“, изјави портпарол на Стејт департментот, кој не сакаше да биде именуван.

Денес, Франција и неколку други земји треба да ја признаат палестинската држава на отворањето на големиот годишен собир на лидерите во Њујорк на сесијата на Генералното собрание на ОН, каде што една од главните теми ќе биде војната во Газа.

Признавањето има претежно симболично значење и беше предвидено за време на самитот организиран од Франција и Саудиска Арабија за иднината на решението со две држави, израелска и палестинска, кои живеат една до друга во мир и безбедност, што е крај на еден повеќемесечен процес за кој се залагаше францускиот претседател Емануел Макрон.

Пред овој состанок во ОН, Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија вчера официјално ја признаа палестинската држава. Така, најмалку 145 од 193 земји-членки на ОН ја признаваат палестинската држава, според информациите на француската новинска агенција.

На овој начин, статусот на Палестинците како набљудувачи во ОН чие целосно вклучување е блокирано од САД не се менува.

Фото: принтскрин

Текстот САД ги критикуваат новите признавања на палестинската држава: „Тоа е само претстава“ е превземен од МАКФАКС.