Соединетите Американски Држави денеска побараа помош од Јапонија за брзо надополнување на залихите на проектили, со оглед на војните кои беснеат на Блискиот Исток и Украина, и дека Вашингтон сака да го зачува кредибилитетот на својата моќ за одвраќање во индо-пацифичкиот регион.
„Американската воено-индустриска база не може да одговори на сите стратешки предизвици и сите обврски што ги имаме“, изјави американскиот амбасадор во Јапонија, Рам Емануел.
Претходно, САД и Јапонија ја имаа својата прва средба на тема забрзување на воено-индустриската соработка, два месеца откако американскиот претседател Џо Бајден и јапонскиот премиер Фумио Кишида потпишаа договор за ова прашање.
„Целта овде не е да има повеќе состаноци. Целта е производството“, рече Емануел и додаде дека „оние кои сакаат да им наштетат на САД нема да чекаат да се изградат нашите индустриски капацитети“.
Амбасадорот рече дека кинескиот капацитет за изградба на воени бродови ќе го надмине американскиот капацитет и оцени дека поправката на американските бродови и воени авиони во Јапонија може да го ослободи американскиот индустриски капацитет и да им овозможи да се посветат на изградба на нови бродови.