Рускија додаде уште девет соработници на Алексеј Навални на црната листа на „терористи и екстремисти“

Девет лица – вклучувајќи новинари, адвокати и активисти – поврзани со починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални се додадени на црната листа на Москва на „терористи и екстремисти“, јави АФП, пренесува Би-Би-Си.

Денеска се навршија точно шест месеци откако Навални, најзначајниот руски опозициски лидер во изминатата деценија, почина во затвор во Артик Круг. Тој издржуваше 19-годишна затворска казна под обвинение за „екстремизам“.

Официјална Москва рече дека Навални (47) умрел од природна смрт, но супругата на Навални во прогонство – која беше додадена на црната листа минатиот месец со налог за апсење издаден по неа – тврди дека нејзиниот сопруг бил мачен и убиен.

Деветте луѓе – додадени на списокот составен од руската служба за финансиски мониторинг наречен Росфинмониторинг, кој може да ги замрзне средствата на наведените – вклучуваат:

-Поранешната портпаролка на Навални, Кира Јармиш
-Претседателката на Антикорупциската фондација на Навални, Марија Певчих
-Алексеј Маљаревски, програмер кој донираше на фондацијата на Навални, кој е затворен седум години
-Адвокатите на Навални Олга Михајлова и Александар Федулов (двајцата во егзил)
-Новинарката Антонина Кравцова и активистката Олга Комлева (двете во истражен затвор)
-Водителот на каналот на Јутјуб на Навални, Дмитриј Низовцев и продуцентката Нина Волохонскаја.

Ј. Ѓ.