Рускиот генерал-полковник Алексеј Ртишчев, началник на единиците за радиолошка, хемиска и биолошка заштита на Вооружените сили на Руската Федерација, изјави дека Киев планира да ја разнесе дистрибутивната постројка за амонијак во Новотроицко, во областа Доњецк, и потоа да ја обвини Русија за предизвикување еколошка катастрофа.
„При оперативни дејствија на 3 јули 2025 беше утврдено дека украинските вооружени сили поставиле антена во близина на големата дистрибутивна постројка за амонијак во близина на населбата Новотроицко. Таа постројка спаѓа во објекти од прва категорија на опасност и, во случај на оштетување за време на напад, во околината би можеле да се испуштат над 550 тони течен амонијак“, рече Ртишчев, пренесува рускиот „ТАСС“.
„Се очекува нашата земја подоцна да биде обвинета за намерно предизвикување на еколошка катастрофа и нанесена репутациска штета“, додаде тој.
„Варварска тактика“
Тој особено нагласи дека користењето на високоризични постројки за воени цели претставува прекршување на меѓународното хуманитарно право.
Според изјавата на Ртишчев, оваа провокација е дел од одамна развивана стратегија на Киев, со поддршка на западни надгледувачи.
Станува збор, како што рече, за „варварска тактика на водење борбени дејствија по методот на ‘хемиски појас’, што подразбира поставување и детонација на садови со отровни хемикалии во подрачјата на борбените дејствија на руските сили.“
Текстот Рускиот генерал: Украина планира да ја разнесе постројката за амонијак и да ја обвини Русија е превземен од МАКФАКС.