Силни експлозии утрово ги разбудија жителите на Одеса. Црн чад го покри небото на градот познат како бисер на Црното Море. Цел на руските проектили биле рафинеријата за нафта и складишта за гориво околу стратешкиот град, кои според Москва, биле користени за обезбедување гориво за украинските војници во близина на Миколаев.
„Бев дома и беше страшно бидејќи ѕидовите се тресеа. Излегов и видов дека има експлозија во близина на мојата куќа и видов како горат резервоарите. Тоа беше голема експлозија, како авион да се урна. Никогаш не сум видел ништо. Мораме да го затвориме небото за да не се повтори ваков напад“, изјави Жител на Одеса
„Живеам во 8-катна зграда. Во 6 часот наутро Русија нападна и ова парче камен стигна до мојот стан“, Жител на Одеса
Украинскиот претседател Зеленски рече дека украинските сили продолжуваат да влегуваат во регионите кои Русите ги напуштаат. Тој во обраќањето го истакна унгарскиот премиер Виктор Орбан како практично единствениот во Европа кој отворено го поддржува Владимир Путин.
„Сè повеќе украински национални знамиња се веат во привремено окупираните области. Вооружените сили на Украина не ги пуштаат напаѓачите без борба, тие предизвикуваат штети, уништуваат што стигнат. Ја зајакнуваме нашата одбрана во источниот правец и во Донбас. Свесни сме дека непријателот има резерви за зголемување на притисокот врз истокот“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека Русија ќе се соочи со дополнителни санкции од ЕУ по извештаите за можни воени злосторства од страна на руските сили во Буча, на периферијата на Киев. Мишел рече дека е шокиран од ужасните слики на злосторствата извршени од руската војска во ослободениот регион. Украинските власти ја обвинија Русија за „геноцид“ во Буча и рекоа дека речиси 300 луѓе биле убиени додека Буча бил под руска контрола. /Алсат.мк
Еви Шкопи