Руските сили во Украина го уништија меѓународниот аеродром Виниција. На 11-тиот ден од руските напади, ситуацијата во Украина не покажува знаци на смирување.
Руската војска сега контролира две украински нуклеарни централи и напредува кон трета. Претседателот Зеленски повторно го повика Западот да воспостави зона на забранети летови над Украина или да им обезбеди борбени авиони од советско производство кои украинските пилоти знаат да ги летаат.
„Аеродромот Виниција е целосно уништен. Тие продолжуваат да ја уништуваат нашата инфраструктура, нашите животи и она што изградиле нашите баби и дедовци. Треба да го затворите воздушниот простор. Мора да одредите зона на забранети летови за Русија поради сите овие ужаси. Обезбедете хуманитарна зона за забранети летови. Ваша човечка должност е да нè заштитите и вие можете да го направите тоа. Ако не, тогаш обезбедете ни барем авиони со кои можеме да се браниме, ако не – тогаш можеме да заклучиме дека и вие сакате полека да нè убиваат“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина
Зеленски ова барање го упати директно телефонски до американскиот претседател Џо Бајден, во нивниот втор разговор неделава. САД и нивните сојузници се подготвени да го исполнат барањето на Украина за воени авиони и размислуваат да го сторат тоа преку Полска.
„Ние сме во многу активен разговор со украинските власти за да добиеме детална проценка на нивните потреби. Дотогаш работиме да видиме што можеме да понудиме ние, нашите сојузници и партнери. Активно го разгледуваме прашањето за авиони кои Полска би можела да ѝ ги обезбеди на Украина и разгледуваме како би можеле потоа да го наполниме бројот на авиони за Полска доколку таа одлучи да им обезбеди авиони“, рече Ентони Блинкен, американски државен секретар
Во доцните часови во саботата, руските бомбардирања продолжија во неколку украински градови. /Алсат.мк
Фатлуме Дервиши