Руските трупи ја напаѓаат Украина од Русија и Белорусија, јави украинската гранична служба. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба зборува за „војна од големи размери“.
Украинските граничари и контролните пунктови се гаѓани од страна на руските трупи со артилерија и тешко вооружување, јавува украинската погранична служба. Украинското министерство за внатрешни работи јави дека армиските команди во Киев и Харков се гаѓани со ракети. Според медиумски извештаи, експлозии се слушаат во источноукраинскиот пристанишен град Мариупол, како и во Одеса.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба вели дека станува збор за „војна од големи размери“ против неговата земја.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин одобри воена операција во источноукраинскиот регион Донбас и побара од воените сили на Украина да го положат оружјето. Тој, како што вели, реагирал на барање на лидерот на сепратистите во источна Украина кој е верен на Москва.
Во телевизиски говор Путин рече дека Русија нема да ги толерира заканите од страна на Украина, јави агенцијата Интерфакс. Според Путин, Русија нема за цел да ја окупира Украина. Тој го обвини „режимот“ во Киев за крвопролевањето.
Истовремено, Путин го предупреди Западот дека секаков обид за мешање ќе има последици „какви што досега не се видени“.