Русија го забрани извозот на житарки во поранешните советски држави до 30 јуни, а извозот на шеќер го забрани во сите земји до 31 август, јави руската агенција ТАСС.
Рускиот премиер Михаил Мишустин потпиша указ кој предвидува забрана за извоз на бел и нерафиниран шеќер до 31 август, како и извоз на пченица, ‘рж, јачмен и пченка до членките на Евроазиската економска унија до 30 јуни.
„Ограничувањата за извоз на житарките ќе важат до 30 јуни, на шеќерот – до 31 август 2022 година“, се вели во синоќешното соопштение од владиниот кабинет.
Како што нагласи руската влада, има и низа исклучоци за извозот на шеќер и житарки.
„Така ќе биде можно снабдување со овие производи надвор од Русија, вклучително и за обезбедување хуманитарна помош, како и во рамките на меѓународниот транзитен сообраќај“, нагласи руската влада.
Одлуката за привремена забрана за извоз на шеќер и житарки е донесена за да се заштити домашниот пазар на храна во услови на надворешни ограничувања.