Русија и Украина со меѓусебни закани за напади на главните градови, Киев и Москва. Откако вчера Русите најавија дека ќе ги уништат командните центри во Киев, доколку продолжат украинските напади врз, како што велат, руски територии, денеска Украинците возвратија со ист тон. Олексеј Арестович, советникот на претседателот Зеленски, рече дека ако Русите го надминат степенот на ескалација, Киев ќе возврати со иста мерка и има големи можности за напади врз Русија.
Претседателот Володимир Зеленски пак, по телефонскиот разговор со американскиот колега Џо Бајден, истакна дека во неговата земја ќе пристигне нова воена помош од САД.
„Разговаравме за нов пакет одбранбена помош за Украина. Се договоривме за воена помош од 800 милиони долари, вклучувајќи оружје, муниција, артилериски системи, оклопни транспортери, хеликоптери и друго. Искрено благодарам за поддршката“, рече Зеленски.
Тој исто така побара и ембарго за руската нафта, како и подготвеност на Европа да се откаже од сета руска енергија.
Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин кажа дека таквиот потег би бил штетен за светската економија.
„Обидите на западните земји да ги истиснат руските добавувачи, да ги заменат нашите енергетски ресурси со алтернативни залихи неизбежно ќе влијаат на целата светска економија. Последиците од таквиот чекор можат да станат доста болни, пред сè, за иницијаторите на таквата политика“, рече Путин.
Според Кремљ, во моментов се уште не постојат услови за двајцата претседатели да седнат на заедничка маса и не гледаат напредок во разговорите.
Во меѓувреме, Киев вели дека руските сили се насочени во источниот дел на земјата и се обидуваат да се одмаздат за претрпените штети. Покрај засилената битка во Донбас, жестоки напади се водат и во Црното Море. Украинските вооружени сили го гранатираа главниот брод на руската црноморска флота, наречен „Москва“, додека пак од руското Министерство за одбрана информираат дека единствено избил пожар и бродот се уште е во пловна состојба, а екипажот е евакуиран.
Лука Андреев