Русија и Украина денеска ја почнаа третата рунда директни мировни преговори во Истанбул, јавува руската новинска агенција ТАСС.
Делегациите на двете земји веќе пристигнаа во главниот град на Турција, но и двете страни предупредуваат дека разговорите нема да бидат лесни.
Од Кремљ порачаа дека процесот ќе биде сложен, а украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговите очекувања не се високи, бидејќи разговорите за прекин на огнот не се на дневен ред.
Според Зеленски, денешната средба треба да се фокусира на теми како враќањето на украинските воени заробеници и децата кои, како што тврди Киев, биле одведени од Русија. Покрај тоа, ќе се разговара и за можноста за организирање лидерска средба на претседателско ниво.
Претходните две рунди преговори, одржани во Истанбул на 16 мај и 2 јуни, не донесоа напредок во однос на прекин на огнот. Единствен резултат од тие средби беше договор за размена на заробеници и враќање на телата на загинатите војници.
Мировниот процес, според дипломатски извори, бил поттикнат и од американскиот претседател Доналд Трамп, кој неодамна јавно го критикуваше Кремљ за недоволен ангажман околу прекинување на војната, најавувајќи и нови санкции доколку нема резултати.
Украина бара итен и безусловен прекин на огнот како основа за натамошни разговори. Русија, пак, и натаму стои на своите барања – вклучувајќи целосно повлекување на украинските сили од источните територии што Москва ги анектираше.
Руската делегација повторно ја предводи претседателскиот советник и поранешен министер за култура, Владимир Медински. Од украинска страна, делегацијата ја води поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров, кој сега е на чело на Советот за национална безбедност и одбрана.
Текстот Русија и Украина почнаа мировни преговори во Истанбул – Кремљ: Ќе бидат тешки е превземен од МАКФАКС.