Русија и Украина ја завршија размената на по 1.000 затвореници, објавија руското Министерство за одбрана и украинскиот претседател Володимир Зеленски, а тоа е најголемата таква размена од почетокот на војната пред три години.

Тридневната размена почна во петокот, а во неа учествуваа главно воени заробеници и уште 120 цивили. Во неделата двете страни размениле 303 затвореници.

„Денес, воините на нашите вооружени сили, Националната гарда, Државната гранична стража и Државната специјална транспортна служба се враќаат дома“, напиша Зеленски на апликацијата „Телеграм“.

Размената е единствениот конкретен чекор кон мир што произлезе од првите директни разговори меѓу завојуваните страни по повеќе од три години. Преговорите се одржаа на 16 мај, кога двете страни не успеаја да се договорат за прекин на огнот.

Украина, САД и другите западни земји повикаа на триесетдневен прекин на огнот без предуслови за да се овозможи почеток на мировните преговори. Се верува дека стотици илјади војници се ранети или убиени од двете страни во најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, иако ниту една од страните не објави прецизни податоци за жртвите. Во конфликтот во кој руската страна жестоко ги бомбардираше украинските градови загинаа и десетици илјади украински цивили.

Во петокот, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека по завршувањето на размената, Москва ќе биде подготвена да и претстави нацрт-предлог на Украина за долгорочен мировен договор.

Руските сили синоќа истрелаа 367 беспилотни летала и ракети врз украинските градови, меѓу кои и главниот град Киев. Според информациите на украинските власти, во нападот загинаа најмалку 12 лица, а десетици беа ранети. Руското Министерство за одбрана објави дека нејзините единици за противвоздушна одбрана пресретнале или уништиле 95 украински беспилотни летала за само четири часа, а градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин изјави дека 12 украински беспилотни летала биле пресретнати на пат кон главниот град.

Текстот Русија и Украина за три дена разменија 1.000 затвореници е превземен од МАКФАКС.