Шефовите на дипломатиите на Русија и Кина, Сергеј Лавров и Ванг Ји, денеска во Пекинг одржаа средба на која разговараа за перспективите за завршување на војната во Украина, како и за односите со САД, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Средбата се одржа во пресрет на учеството на Лавров на состанокот на министрите за надворешни работи на Шангајската организација за соработка (ШОС), каде Русија и Кина имаат клучна улога.

Според соопштението, двајцата министри ја потврдиле взаемната поддршка околу прашањата што се однесуваат на суверенитетот, територијалниот интегритет и националното единство на двете земји.

„Министрите изразија задоволство од позитивната динамика на руско-кинеската сеопфатна соработка и ја разгледаа билатералната агенда со фокус на спроведување на договорите од мајскиот самит во Москва“, информира руското МНР.

Во разговорот било опфатено и продлабочувањето на хуманитарната и практична соработка меѓу двете земји, како и деталите околу претстојниот самит на шефови на држави на земјите-членки на ШОС, како и проширениот формат „ШОС плус“.

Дополнително, Лавров и Ванг Ји разговарале и за односите со САД и решавањето на украинската криза, при што ја нагласиле важноста од тесна координација на глобалната сцена, особено преку Обединетите нации, Советот за безбедност, БРИКС, Г20 и АПЕК.

Кина и Русија во февруари 2022 година воспоставија стратешко партнерство без ограничувања, што беше официјализирано за време на посетата на Владимир Путин на Пекинг.

Текстот Русија и Кина со заедничка поддршка и фокус на Украина и САД е превземен од МАКФАКС.