Десетици мигранти денеска преминаа во Финска, неколку часа пред затворањето на двата јужни премини на границата со Русија.
Преминовите Валима и Нирала беа накратко отворени вчера, откако беа затворени на крајот на минатиот месец, заедно со уште шест фински гранични премини со Русија.
Финска ја обвинува Москва за испраќање мигранти на границата во обид да ја дестабилизира по пристапувањето во НАТО во април.
„Ова е извонреден феномен. Никогаш претходно не сме виделе вакво движење“, изјави за финската телевизија YLE заменик-директорот на граничните премини, Самули Муртонен.
Доцна синоќа финските граничари пријавиле дека на два контролни пункта пристигнале десетици мигранти без соодветна документација или виза.
Финската влада сепак одлучи истиот ден повторно да ги затвори тие два гранични премини од вечерва во 20 часот .
Тие ќе останат затворени до 14 јануари.
Краткото повторно отворање на границата треба да послужи за да се утврди дали „феноменот“ на мигранти сè уште постои на границата, соопшти финската влада.
Финска, која има 5,6 милиони жители, претставува значителен дел од североисточното крило на НАТО и ја претставува надворешната граница на Европската унија на север.