Министерството за надворешни работи на Русија денеска ја поздрави одлуката на новата американска администрација да ја затвори Агенцијата за меѓународна развојна помош (УСАИД), која Москва ја смета за „машина за мешање“ во работите на други земји.

„Единствено од што сме задоволни е што се што кажавме се оствари“, рече портпаролката на Министерството, Марија Захарова, мислејќи на постојаните руски критики кон УСАИД.

Русија го протера УСАИД од својата територија во 2012 година, обвинувајќи ја агенцијата за финансирање на протестите на опозицијата против Кремљ и мешање во изборите.

Русија ја обвини американската агенција дека ги поддржува антивладините движења во соседните земји, особено во Украина и Грузија, со цел да се доведат на власт луѓе пријателски настроени кон Вашингтон и непријателски настроени кон Москва.

„Тоа е се освен агенција за помош и развој. Тоа е машина за мешање во внатрешните работи. Тоа е механизам за промена на режимот, политичкото уредување, структурата на државата“, рече Захарова.

Американската агенција во средата објави дека целиот нејзин персонал во САД и во светот ќе биде на „административно отсуство“ од петок.

Таа агенција сега е ставена под надзор на американскиот државен секретар Марко Рубио.

Текстот Русија за затворањето на УСАИД: Тоа е машина за мешање во работите на други земји е превземен од МАКФАКС.