Руски сили нападнаа неколку украински градови, при што загинаа најмалку три лица во напад со беспилотно летало врз станбена населба во регионот на Киев.
Горните катови на две станбени згради утринава беа погодени во градот Ржишчив, на периферијата на главниот град. Меѓу жртвите има и 11-годишно момче, соопштија спасувачките служби.
Седум лица се повредени, а четворица се затрупани под урнатините. Во тек е голема спасувачка операција.
Во одделен руски напад, три лица беа ранети во јужниот град Одеса, кога беше погодена трикатна зграда, изјави началникот на претседателскиот кабинет Андриј Јермак.
Беспилотни летала беа испукани и кон северозападниот регион Житомир, но нема повредени. Сирените за воздушен напад одекнаа низ Украина неколку часа подоцна, поради извештаите дека полетале руски воени авиони со ракети со долг дострел.