Русија го повлече предлогот за промена на границата на Балтичкото Море

Предлогот на руското Министерство за одбрана за изработка на владина уредба за промена на руската граница во Балтичкото Море вчера беше избришан од порталот каде се објавуваат официјални документи.

Нацртот повеќе не е достапен на страницата каде што беше објавен. Министерството за одбрана на Русија вчера предложи ревизија на државната граница во руските територијални води во Балтичкото Море, пренесоа руските агенции.

Во нацрт-уредбата од 21 мај, министерството предложи приспособување на границата околу руските острови во источниот дел на Финскиот залив и околу Калининград. Како што беше објаснето, за да се обезбеди безбедност на пловидбата, се предлага приспособување и повторно објавување на националните карти за поморска навигација во соодветна мера. Беше наведено и дека документот моментално е во фаза на подготовка.

Лидерите на земји околу Балтичкото Море вчера претпазливо реагираа на извештаите дека Русија би можела да ги ревидира границите на нејзините територијални води во регионот. Шведскиот премиер Улф Кристерсон рече дека Русија потпишала конвенција на Обединетите нации која регулира како може да се направат такви промени.

– И ние и Финска претпоставуваме дека Русија, која е потписничка на таа конвенција, ја исполнува таа одговорност, рече тој.

Ако Русите ги оспоруваат границите, тогаш Русија ја крши конвенцијата на ОН, тогаш целиот свет ќе биде против тоа, изјави финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен. Таа, сепак, рече дека тоа веројатно е рутински чин на Русија, а не провокација.

Претседателот на Финска, Александар Стуб, на Х напиша дека Русија не била во контакт со Финска по ова прашање. „Финска се однесува како и секогаш: мирно и засновано на факти“, напиша тој.

И министерот за надворешни работи на Литванија Габриелиус Ландсбергис на Х напиша дека Русија „се обидува да шири страв, несигурност и сомнеж за своите намери во Балтичкото Море“. Во Литванија постои голема загриженост за најновите достигнувања на руските трупи во североисточна Украина. „Baltic News Service“ наведува дека Литванија ги повикала претставниците на Русија на детално објаснување.

Интерфакс подоцна во текот на денот цитираше неименуван воено-дипломатски извор кој вели дека Москва нема намера да ја ревидира границата или ширината на нејзините територијални води.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека „нема ништо политичко“ во предлогот на Министерството за одбрана.

– Гледате како ескалираат тензиите и нивото на конфронтација, особено во балтичкиот регион. За тоа се потребни соодветни чекори од нашите надлежни органи за да ја осигураме нашата безбедност, рече Песков.