„Неумесно и нездраво е да се поставуваат ултиматуми“ – вака бугарскиот претседател Румен Радев ја коментираше изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи, според кого, енергија за решавање на спорот ќе се вложува до крајот на јуни. Радев истакна дека притисокот од надвор за Бугарија да даде зелено светло за преговарачката рамка порано бил уште посилен и додаде дека претстои да се види дали актуелната Влада ќе го издржи актуелниот.
Advertisements
„Притисокот беше уште поголем минатата година. Јас и техничката Влада го издржавме притисокот на два Совета каде се постави прашањето за проширувањето. Така што, може да се издржи притисокот кога има јасни позиции кои го запазуваат бугарскиот национален интерес, но и вистината“, рече Радев.
Позитивни сигнали за деблокирање на евроинтегративниот процес нема ниту од бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска. Таа на средбата со својот австриски колега Александер Шаленберг кажала дека Софија вложила значителни напори за позитивни билатерални односи со Скопје изминатиов период.
„Ќе продолжиме да работиме на градење на вистински добрососедски односи со Република Северна Македонија. Сепак, тие се можни само со заеднички напори. Од Скопје очекуваме конкретни дејствија и гаранции за трајно и неповратно спроведување на Договорот од 2017 година, како и гарантирање на правата на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест“, рече Генчовска.
Претходно, од македонската дипломатија информираа дека наредниве недели се клучни за постигнување решение со Софија, а до крајот на месецов повторно ќе се одржи заедничка меѓувладина седница со кабинетот на Кирил Петков, но овој пат во Скопје.
Лука Андреев